| ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ДОБИТНИЦИТЕ НА НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА ЕКОНОМИЈА ВО 2009 ГОДИНА |
|
Станува збор за американските економисти Elinor Ostrom и Oliver Vilijamson, за својата работа на подрачјето на економското управување, се наведува во соопштението на Комитетот за доделување на Нобелова награда на Кралската шведска академија на науки. Во сооопштението се наведува дека наградата од десет милиони шведски круни (1,4 милиони долари) му е доделена на Elinor Ostrom, затоа што таа покажала како може со успех да се менаџира (управува) со заеднички имот по пат на здружување на корисниците, додека Vilijamson е награден за теоријата за разрешување на корпоративните конфликти, пренесе Ројтерс. „Во текот на последните три децении овие почетни придонеси ги унапредија истражувањата на полето на економските управувања, со што тие успеаја да се наметнат од маргините во прв план на научното внимание ", се потенцира од страна на Нобеловиот комитет. Наградата за економија, под официјалниот назив „Награда Сверигес Риксбанка за економска наука во сеќавање на Алфред Нобел", е воспоставена во 1968 година и не претставува дел на првобитната група на награди наведени во тестаментот на овој индустријалец и пронаоѓач на динамитот во 1895 година. Првата Нобелова награда за економски науки им беше доделена на Ragnar Frisch и Jan Tinbergen во 1969 година. Elinor Ostrom е родена во август 1933 година (возраст 76 год).
Oliver E. Williamson e роден на 27 септември 1932 година. Тој е американски автор во областа на економијата, поконкретно за трансакциски трошоци. Студент на Ronald Coase, Herbert Simon и Cyert; Професорот Oliver E. Williamson добива диплома од Mit – Сloan school of Мenaxment во 1955 година, магистрира во 1960 на Stanford University, а докторира во 1963 година на Carnegie Mellon University. Од 1965 до 1983 година тој е професор на Универзитетот во Пенсилванија.
Елинор Остром - економско управување (владеење) со заеднички имоти. Оливер Вилијамсон - економско управување во рамките на фирмата. Заедничко на овогодишни лауреати е што нивниот придонес е во сферата на трансакционите трошоци. Нобеловата награда на Вилијамсон му е доделена за развојот и усовршувањето на теоријата на фирмата во духот на истражувањата на Роналд Коуз - кој доби Нобелова награда за економија во 1991 година, за теоријата на трансакционите трошоци, кој во својата позната статија „Природата на фирмата”, објавена уште во 1937 година, докажа дека основна причина за појава на фирмата, како форма на организација на производството е токму постоењето трансакциони трошоци поврзани со користењето на пазарниот механизам. Фактот што во фирмите постојат специјалисти за:
придонесува за значително намалување на трансакционите трошоци. Несомнено во тоа се состои и главното економско објаснување за постоењето на фирмата според Вилијамсон и Коуз! Кој е придонесот односно што надградил Вилијамсон во теоријата на фирмата? Тој потсетува на фактот дека иако најголем број од трансакциите се реализираат преку механизмот на пазарот, сепак и во рамките на фирмата, како организациона форма на производството, расте бројот на трансакции што се одвиваат внатре. Од тие причини, според Oliver E. Williamson, пазарот и фирмите треба да се третираат како алтернативни управувачки структури за разрешување конфликтни интереси! Oliver E. Williamson признава дека слабост на пазарот е што при извршувањето на трансакциите преговорите помеѓу купувачите и продавачите (за условите на размена) можат да резултираат во несогласувања - што, на пример, често се случува особено во услови на постоење на асиметрични информации. Пазарот е во состојба да го разреши овој проблем - со тоа што купувачот ќе побара друг продавач, односно продавачот ќе побара друг купувач. Но, ваквото решение води кон зголемување на трансакционите трошоци. Во рамките на фирмата, пак, конфликтните ситуации се разрешуваат полесно и со помали трансакциони трошоци - поради фактот што за нив ќе одлучи, ќе пресече, извршниот директор. Но, слабост на фирмата, според Вилјамсон, е што менаџерите можат да ја злоупотребат својата позиција и моќ. Во идентификувањето на факторите кои ги детерминираат бројните трансакции што се одвиваат во рамките на фирмата, Oliver E. Williamson наведува два фактора, што е, без сомнение, најзначајниот придонес во третирањето на оваа проблематика:
Во настојувањето тоа да го објасни го дава примерот кој се однесува на рудникот на јаглен и термоелектраната. Значењето и вредноста на рудникот на јаглен, наведува Oliver E. Williamson, во услови кога сопственикот не може да се договори за условите на размена со сопственикот на термоелектраната, зависи од тоа колку е оддалечен вториот соседен купувач на јаглен и обратно. Колку е оддалеченоста поголема, толку е поголема и меѓузависноста на рудникот и термоелектраната, што ќе наложи нивна вертикална интеграција. Доколку, пак, во близина постојат поголем број рудници и термоелектрани, во тој случај трансакциите ќе се одвиваат преку пазарот и преку краткорочни и едноставни договори. Вилјамсон, зборувајќи за вертикалните интеграции, мисли дека големината на фирмата одразува ефикасност, поради што антимонополистичките законодавства треба да бидат потолерантни при одобрувањето на фузиите на фирмите. Елинор Остром е првата жена добитник на престижната Нобелова награда за економија. Нејзините истражувања се насочени кон специфични сфери- менаџирање (владеење) со заедничките имоти:
Наспроти традиционалната економска теорија, која тврди дека имотите во заедничка сопственост се лошо управувани, од причини што секој корисник настојува да обезбеди за себе поголема корист на штета на другите корисници, поради што во економската наука преовладува мислење дека тие треба или да се приватизираат или, пак, да се управуваат со поголема регулација од државата (преку даноци, квоти и сл.), што според Остром таквите решенија претставуваат субоптимални и водат кон претерано искористување и деградирање на заедничките имоти. Таа, низ опсежни теоретски, но и практични испитувања (со анализа на голем број студии на случај во еден долг период со експеримнети и со користење на теоријата на игри) покажува и докажува дека во голем број случаи управувањето со заедничките имоти од страна на корисниците (еден вид самоуправување) е ефикасно и дава отимални резултати. Според Остром, клучот на успехот е во активната партиципација на корисниците во формулирањето на правила на владеење со имотот и нивното почитување и надгледување. Таа посебно ги потенцира следниве правила и принципи:
Конечно, интересен е и заклучокот на Остром дека корисниците се подготвени да поднесат високи приватни трошоци за надгледување на почитувањето на правилата од страна на други лица - аутсајдери. Во однос на Нобеловата награда за економија за 2009 година кај дел од економистите постои изненаденост од изборот на подрачјето за кое таа е доделена - логиката на функционирањето на непазарните трансакции. Ваквата одлука вклучува неколку значајни пораки: 1) пазарот е ефикасен механизам за алокација на ресурсите кон точките на најпродуктивната употреба, но не и семоќен; 2) пазарната парадигма, претераните процеси на дерегулација и слабостите на владината регулација се значајна причина за актуелната економска криза, најсилна по онаа од 1929 до 1933 година; 3) владите и креаторите на економските политики мораат да ја имаат предвид и корективната улога на државата во елиминирањето на домените на пазарниот неуспех, но и за алтернативните механизми за разрешување на конфликтите: фирмите, домаќинствата, здруженијата, агенциите и сл. Во продолжение да го проследиме списокот на сите добитници кои досега ја имаат добиено оваа престижна награда за економија: Сите лауреати во економските науки 2009 - Elinor Ostrom, Oliver E. Williamson 2008 - Paul Krugman 2007 - Leonid Hurwicz, Eric S. Maskin, Roger B. Myerson 2006 - Edmund S. Phelps 2005 - Robert J. Aumann, Thomas C. Schelling 2004 - Finn E. Kydland, Edward C. Prescott 2003 - Robert F. Engle III, Clive W.J. Granger 2002 - Daniel Kahneman, Vernon L. Smith 2001 - George A. Akerlof, A. Michael Spence, Joseph E. Stiglitz 2000 - James J. Heckman, Daniel L. McFadden 1999 - Robert A. Mundell 1998 - Amartya Sen 1997 - Robert C. Merton, Myron S. Scholes 1996 - James A. Mirrlees, William Vickrey 1995 - Robert E. Lucas Jr. 1994 - John C. Harsanyi, John F. Nash Jr., Reinhard Selten 1993 - Robert W. Fogel, Douglass C. North 1992 - Gary S. Becker 1991 - Ronald H. Coase 1990 - Harry M. Markowitz, Merton H. Miller, William F. Sharpe 1989 - Trygve Haavelmo 1988 - Maurice Allais 1987 - Robert M. Solow 1986 - James M. Buchanan Jr. 1985 - Franco Modigliani 1984 - Richard Stone 1983 - Gerard Debreu 1982 - George J. Stigler 1981 - James Tobin 1980 - Lawrence R. Klein 1979 - Theodore W. Schultz, Sir Arthur Lewis 1978 - Herbert A. Simon 1977 - Bertil Ohlin, James E. Meade 1976 - Milton Friedman 1975 - Leonid Vitaliyevich Kantorovich, Tjalling C. Koopmans 1974 - Gunnar Myrdal, Friedrich August von Hayek 1973 - Wassily Leontief 1972 - John R. Hicks, Kenneth J. Arrow 1971 - Simon Kuznets 1970 - Paul A. Samuelson 1969 - Ragnar Frisch, Jan Tinbergen
Штип, 7.11.2009 година Подготвил Проф. д-р Ристо Фотов |






За добитници на Нобелова награда за економија оваа година се номинирани двајца американски економисти, чии преокупации и придонеси во економската наука се од подрачје на функционирање на т.н. непазарните трансакции.










